
ШАРПЛАНИНЕЦ МАКЕДОНСКО ОВЧАРСКО КУЧЕ
ШАРПЛАНИНЕЦ
Синоними на името на расата традиционално користени низ времето, народни описни и понови историски – (Шарко, Шаро –за шарените примероци; Мурџо, Муро, Мурго, Сури, Сивчо – за сивите; Ќамур, Црни, Арап, Циго,Караман,- за црните; Бели, Белич, Мерџан,- за белите; Сарија, Бакар, Жарко – за црвените; Баљош – со надолжна белина по носот и челото; Брежк, Лис – црвена,жолта основа со белини на главата и телото; Тигар, Варџош, Пратест- за тигрестите; Карабаш – жолтите со црна муцка или црна глава; Медо, Медун – за целосно жолтите/кремасти; Мечо – за молосоидните; Волчко – за лупоидните).
Илирски овчар 1939г ФЦИ бр.41 Illyrische Scheferhund ; Југословенски овчарски пес – Шарпланинац 1957г; Шарпланинец ; Македонско овчарско куче; Македонски планински пес; Македонски овчар; Македонско стокарско/сточарско куче; Пределско овчарско кучe; Бачилско куче; Овчарско/козарско куче; Планински овчар; Шарско куче; Шарпланински овчар; Мијачки пес; Мијачки овчар; Македонски чувар; Стара раса .
Историјат на расата
Матична земја на расата Шарпланинец е Република Македонија.
Шарпланинците се работни сточарски кучиња кои отсекогаш се користеле за одбрана на стадата на домашни животни , имотите и луѓето од нападите на дивите предатори, основно волците и мечките, но и од сите останати. Тие се работни селско-стопански корисни животни на кои основната функција им е чуварската, но во далечното минато се користеле и во лов на крупен дивеч, и како борбени кучиња во војни, додека во денешно време успешно се користат и во спасителните служби, како службени кучиња чувари во армијата на Република Македонија и Полицијата, но и како домашни миленици.
Шарпланинецот е стара Македонска сточарска раса која со векови наназад (од памтивек) се одгледува на просторите на етничка Македонија која е доминантно планинска земја , а во минатото со миграциите на стоката се распространила и пошироко на Балканот, а преку големите трговски центри како Солун и Истамбул (Цариград) се раширила и насекаде до каде допирала Османската империја. Во Римско време, а пред нив и со Феникиските трговски бродови, расата продрела и на Апенинскиот полуостров, но и до Карпатите, а оттаму и пошироко кон западна Европа. Сосема возможно е сите западни Молосоидни раси да се директни потомци на кучињата од Македонскиот/Балканскиот полуостров. Како една од најстарите кучешки раси во светот, корените на Шарпланинецот директно се поврзуваат со старите кучиња на Македонците и на античкото племе Молоси од Епир, но со помало влијание и на други сточарски типови и раси кои доаѓале во допир со неа низ вековите.
Неговата прва регистрација е во Југословенскиот кинолошки сојуз (ЈКС) и Меѓународната кинолошка федерација (ФЦИ) каде најпрво е регистриран/пријавен и погрешно опишан под името Илирски овчар во 1939г заедно како една раса со Словенската раса – Крашки овчар, со кој (погрешка) биле вкрстувани цели 2 децении , за да подоцна во 1957г да биде регистриран и преименуван како Југословенски овчарски пaс –Шарпланинaц .
Расата го добива своето препознатливо име Југословенски овчарски пес- ШАРПЛАНИНЕЦ од страна на креаторот на стариот стандард Проф. Слободан Павлович, бидејќи во време на неговата стандардизација најбројна и најзастапена била на планините кои го составуваат ШАРПЛАНИНСКИОТ МАСИВ , составен од Македонските планини : Шарпланина,Коритник, Кораб, Дешад, Ничпурска планина, Бистра, Стогово, Караорман, Јабланица. Тоа не значи дека го немало во голем број и на планините Илинска и Плаќенска планина, Бушева, Баба, Галичица, Кожув, Ниџе, Селечка планина,Осоговските и Малешевските планини, Плачковица, Огражден, Беласица, Герман,Скопска Црна Гора, Караџица, Даутица, Јакупица, Сува Гора,Челоица, Песјак, Водно, во Пелагонија, Овчеполието, Полог, како и во другите села и планини низ Република Македонија, но и во окупираните од Балканските и Светските војни- Македонски етнички територии во соседна Бугарија, Грција, Албанија и Србија заедно со Косово.
Името на расата е најдоброто нешто што произлегува од стариот стандард и ја опишува суштината на самата раса. Овчарски/сточарски пес – ШАР-ПЛАНИНЕЦ, (планинец од Шарскиот масив) кој основно се користи за како чувар и за сточарење.
Шарпланинецот се зачувал во својот првобитен и оригинален облик само низ подрачјата каде сточарството од екстензивен и полу-интензивен тип се сеуште застапени во голема мера, каде што и денес оваа раса служи како сточарско куче чувар на стада и имот од диви предатори и натрапници/арамии.
Во 1993год Република Македонија го поставува Шарпланинецот на својата основна парична единица (кован апоен од 1 ДЕНАР), со што Шарпланинецот конечно го завзема своето заслужено место во Македонската држава, традиција и историја.
Увидувајќи ги грешките направени од страна на раководните кинолошки кадри во поранешна Југославија, како и грешките во Стандардот за расата, поради кои расата со децении се селектираше во погрешен правец, за сосема други погрешни цели од првичната намена Шарпланинецот да биде сточарско работно грло, се појави потреба од корекција на стариот, штетен за расата стандард. Шарпланинецот деградираше со помош на модерната комерцијална кинологија се до 2003 год, кога по иницијатива на Македонските стари познавачи и одгледувачи на расата се регистрираше (Македонскиот кинолошки клуб- Шарпланинец) како единствен и најстар активен клуб за расата во Република Македонија од тоа време , со цел да се исправат грешките во стариот стандард и да се изработи стратегија и стандард преку кој ќе може да се зачува и спаси Шарпланинецот од тотално уништување. Во 2012г е започната ревизијата на постоечкиот ФЦИ Стандард на расата , и се започнати опсежни научни истражувања и анализи на преостанатите чистокрвни автохтони Македонски Шарпланинци на теренот, како и на богатата архива на пишани, фото и видео материјали со која располагаше клубот. Конечно во 2023 год на 20-годишниот јубилеј од постоењето на клубот беше изготвен овој денешен стандард кој има за цел да се зачува и заштити расата Шарпланинец од дотогашното несовесно стопанисување и погрешни правци на селекција на истата.
Името во корегираниот стандард за расата е Македонско сточарско куче –Шарпланинец. Делумната промена на името на расата е поради фактот што Југословенската федерација одамна не постои, па така одредбата Југословенски е излишен и погрешен, па затоа е корегиран со терминот -Македонски. Македонски е поради сите факти и аргументи кои докажуваат дека Шарпланинецот отсекогаш доминантно се одгледувал и потекнува од територијата на Македонија, и затоа што првите примероци на Шарпланинци кои биле селектирани во приватните, воените и полициските одгледувачници низ цела Југославија биле земени од Македонија, односно Република Македонија е единствена матична земја на оваа раса. Терминот (овчарски пес) е заменет со (сточарско куче) бидејќи аргументите докажуваат дека Шарпланинците не се користеле за чување исклучиво на стадата овци, туку дека рамноправно се користеле и како чувари и на стада со кози и крави и други животни, па оттука произлегува дека е СТОЧАРСКО. (Пес) се заменува со (Куче), повторно поради фактот што терминот куче е многу почесто среќаван и употребуван во праксата, во минатото но и денес, во македонскиот јазик и секојдневна употреба, а се однесува на Шарпланинците. Останува во употреба името ШАРПЛАНИНЕЦ поради фактот што името е соодветно за расата, и децении наназад ова е општо-прифатеното име на расата не само од страна на Македонскиот народ ,но и на Балканот и пошироко во светот. ШАРПЛАНИНЕЦОТ стана светски препознатлив Македонски БРЕНД , на кој треба да му овозможиме да продолжи да егзистира и напредува, но во својот оригинален автохтон облик.
Оценувањето на Шарпланинците се базира врз 5 основни принципи.
1. Секој припадник на расата Шарпланинец најпрво е должен да помине на ТЕСТ за вродени инстинкти и работни особини, пред да се прејде на оценување во рингот за екстериерна оцена. Без претходно позитивно поминат ТЕСТ, не е дозволено екстериерно оценување на единките.
2. Проценката на екстериерот на единките се прави според традиционалните принципи за селекција и одгледување на Македонски Шарпланинци. Се прави проценка основно на здравјето на единките, кое е клучно за нивната функционалност и работоспособност како селскостопански полезни животни. Потоа се прави проценка на РАСНАТА ТИПИЧНОСТ на единките, како и нивните пропорции, формат и анатомски специфики според овој стандард , кои ќе ја гарантираат нивната максимална функционалност како чувари на стада и имот од диви предатори.
3. Се прави процена на разплодните квалитети на единките, при што се тестира потомството на мажјаците и женките со најмалку 2-3 различни партнери од различно потекло и генетика.
4. Се прави процена според потеклото или родовникот на единката и квалитетот на неговите предци.
5. Се прави генски (ДНК) ТЕСТ за расна припадност според постоечка ДНК база за Шарпланинската раса на клубот, и дефинирање на ГЕОГРАФСКОТО ПОТЕКЛО на единките.
-Целокупното бодување од сите пет различни проценки на квалитетот на примероците, го дава крајниот резултат и оцена , преку која се добива одгледната дозвола , која од своја страна е гаранција за квалитет во расата.
Крајното бодување се врши од комисија од најмалку тројца квалификувани клупски судии.
Проценката ,бодувањето и тестирањето се врши според специјалниот клупски правилник кој ќе биде приложен како дополнителен материјал кон самиот стандард.
I – Општ изглед и особини
-Кај Шарпланинците издвојуваме два основни морфолошки и анатомски типови.
1. Првиот е МОЛОСОИДНИОТ тип, кој се одликува со груб, или грубо-силен тип на конституција и сангвиничен темперамент. Овој тип се карактеризира со масивен крупен костур, голема физичка сила , неретко со големи димензии, упорност која се граничи со тврдоглавост и поголема издржливост на болка.
2. Вториот тип е ВОЛЧЈИ ТИП или ЛУПОИДЕН за кој се карактеристични силниот конституциски тип кој може да преоѓа делумно и во сува конституција (но не сосема), како и сангвиничен темперамент кој може да биде повлијаен делумно и од холеричниот темперамент. Тој е со нешто полесна анатомска градба од првиот тип. Карактеристични за овој тип се несекојдневните брзина на реакциите и будноста, издржливоста на физички натоварувања и долги походи, како и агилноста која може да се споредува со волчјата.
Секако дека распознаваме и нивни преодни меѓутипови кои се производ на нивното меѓусебно крстосување во природата. А како најпожелен од сите е ИДЕАЛНИОТ меѓутип (ШАРСКИ ТИП) на овие два основни типа, но не треба да се тежнее само кон еден од типовите, туку целта е да се зачуваат сите постоечки традиционални типови во склоп на расата и стандардот, онака како што тоа се одвивало со векови наназад.
Кон двата основни типа разликуваме и два дополнителни подтипа според типизација на должината на крзното а) Кратковлакнест (РУД), и б) Долговлакнест (ОБЛЕЧЕН).
Форматот и сите најважни и посакувани пропорции ќе бидат прикажани на дополнителна скица приложена кон стандардот. Додека сите дополнителни екстериерни и карактерни особини ќе бидат исто така прикажани и објаснети преку фото и видео материјали кои ќе бидат придружен материјал кон стандардот.
А) Силен, добро поврзан пес, над средниот раст, во целина складно граден.
Покриен со долго, густо, право и прилично грубо (остро) влакно, што остава впечаток на збиена градба на телото. Карактеристични за расата се груба и силна конституција со меѓусебни преодни варијации , сангвиничен темперамент, добродушен, но по потреба и при опасност многу
храбар , остар и одлучен пес. Верен на својот господар и неподмитлив чувар на стадото ,дури и по цена на својот живот, како и на луѓето од домаќинството и имотот, основно од диви предатори како волк, мечка, чакал, рис, лисица, орел и др. Интелегенцијата кај Шарпланинците е на високо ниво и му дозволува самостојно да делува како чувар на стадата, без надзор или помош од човекот. Способноста самостојно да донесува проценка и да реагира по потреба, го прави незаменлив чувар и помошник.
Б1) Висина на гребенот кај Шарпланинците
Висината кај мажјаците обично изнесува од 64-78см, додека кај женките 60-73см, при што максималната висина не е ограничена (се додека се запазени конституцискиот тип, пропорциите, форматот, кондицијата, подвижноста , здравјето, вродените инстинкти, работни особини и функционалност).
Се бараат што покомпактни и добро поврзани кучиња со изразена виталност.
Мажјаците под 64см и кучките под 60см висина, се исклучуваат од оценување.
Б2) Минималната тежина на возрасен машки пес во работна кондиција изнесува 35-45 кг, а на женките 30-40 кг. Соодносот на висината и тежината кај возрасните единки треба да се запазува. Што значи дека мажјак со висина на гребенот од 64см треба да има НАЈМАЛКУ 35кг, додека кај женките на висина од 60см треба да имаат НАЈМАЛКУ 30кг. Овој сооднос може да биде и подобрен во правец на зголемена тежина во однос на висината но без претерување за сметка на подвижноста, функционалноста и здравјето на работните единки.
В) Должината на трупот е нешто поголема од висината на гребенот (кај
мажјаците за 8-10%, а кај женките за 10-12% од висината на гребенот).
II – Глава
А) Главата кај мажјаците типично е доминантна во однос на големината на телото, или е допуштено да биде и сразмерна, додека кај женките е сразмерна и изнесува околу 25-30см (или
околу 40% од висината на телото – гребенот). Черепниот дел на главата е нешто
подолг од муцката и зафаќа во просек 58%, односно 42% (однос череп-муцка) од
вкупната должина на главата. Кај женките, муцката е нешто подолга 57-43%.
Гледана од профил, линијата на челото е благо испапчена (сферична), а линијата на муцката најчесто е права. Меѓусебно двете линии се благо конвергентни. Дозволени се благи отстапувања кај примероци кои имаат одлични анатомски параметри во останатите регии на телото.
Б) Челото (черепниот дел на главата) е суво, широко, средишната челна
линија изразена или благо изразена, гледано одозгора од страна, тоа е лесно испапчено и заоблено.
Очните лакови (јагодиците) се слабо изразени. Тилната коска е исто така слабо
Изразена, но е допуштено (изразена тилна коска) кај примероци кои имаат одлични анатомски параметри во останатите регии на телото.
В) Стопот-пределот од муцката према черепниот дел на главата (помеѓу
очите) е слабо или благо изразен. Допуштено е ( но не е пожелно) да има малку по-изразени (надочни агли) кои даваат привид на изразен стоп гледано од профил.
Г) Муцката е пократка од черепниот дел на главата, во основа широка (трапезоидна) и
длабока, постепено, но благо се стеснува кон врвот (према носната печурка). Кај некои единки муцката е правоаголна или квадратна (но сува) без излишна кожа/набори, или усните се добро прилепени и не висат под долната линија на долната вилица. Можно е појава на отворен агол на долната усна или мали (жвали), кои не смеат да бидат влажни , да не бидат пренагласени или да оддаваат впечаток на лимфатичност. Вилиците се добро развиени ,широки и силни.
Носникот е прав и широк. Профилот на долната вилица од кос лак преоѓа во рамна
линија, која е дивергентна со линијата на носникот.
Д) Носната печурка е широка , црно пигментирана кај темно пигментираните примероци, додека е допуштена и парцијална депигментација (шаренило на носната печурка), или слаба пигментираност (розева носна печурка) кај кучињата со бела или светла боја на крзното, како и кај шарените (дво-бојни и тро-бојни кучиња).
Ѓ) Усните се со средна дебелина, припиени, а горната незначително ја преоѓа долната. Пожелно е аглите на усните да се затворени, без жвали, (дозволена но непожелна е појава на мали но суви жвали).
Е) Забалото може да биде ножичкасто, клештасто или во форма на обратна ножица и потполно (42 заба). Се додека забалото не представува никаква пречка за кучето успешно да си ја обавува својата функција на чувар од диви предатори, се допуштаат мали отстапки и во одсуство на премолари во согласност со интерниот клупски правилник кој се ажурира секои 5 години или според потребите на расата и клубот.
Ж) Очи средно големи ,во облик на бадем или овални, ни испакнати, ни вдлабнати, со боја од светло жолти до темно или светло костенливи со изразен, буден , смирен, благороден, но продорен и незастрашлив израз. Изразот на очите, или фацијалниот израз е нешто што треба да ја отсликува ТИПИЧНОСТА на единката . Очните капаци се суви, добро прилепени кон очите јаболки, без привид на влажни очни капаци кои се отворени или го нарушуваат обликот на окото. Очните капаци како и
сите видливи слузокожи се темно пигментирани кај кучињата со темна боја на крзното и светла или парцијална кај примероците со светла или шарена боја на крзното.
З) Ушите се всадени широко, и во висина на замислената линија која ги сврзува врвот
на носот и внатрешниот очен агол или пак незначително пониско, обесени се и
носени покрај главата во облик на буквата “V” или рамностран триаголник, средно долги, а досегнуваат до внатрешниот очен агол од истата страна. Покриени се со кратко влакно кај возрасните примероци, но дозволено е да има подолги влакна по ушите кај младите примероци до 2 години старост.
III – Врат
Горната профилна линија на вратот во горниот дел на вратото е благо
испапчена или е рамна, а долната е рамна. Вратот е средно долг. Поради густото
влакно изгледа пократок, длабок, широк и мускулозен, со главата и трупот е добро
поврзан и без нагласени преоди. Вратот е благо издигнат во однос на линијата на
грбот. Кожата е припиена. Дозволено е појава на (мала гуша што виси-фанон, единечна или двојна) но да биде неприметна и да не ја нарушува долната линија на вратот.
Влакното е густо, долго , грубо и остро, на преодот од главата кон вратот , особено кај мажјаците прави огрлица (грива), што привидно ја зголемува компактноста, ширината и длабината на овој дел од главата.
Гласот и лавежот на Шарпланинецот е моќен, длабок и продорен. Пожелен е глас кој подсеќа на (засипнато/ пригушено лаење или народно викано старовремско лаење како на старо куче).
IV – Труп
А) Целосен изглед: Горната линија на трупот е рамна или благо се крева
од гребенот према сапите. Кај кучињата одгледани во планина е карактеристична
надграденост (повисок заден дел).
Трупот е нешто подолг од
висината.
Б) Гребенот е силно или благо изразен и широк. Вратот и гребенот се цврсто сврзани, а
преодот е добро приметлив.
В) Грбот е прав и широк, не предолг. Слабинскиот дел е краток, широк и
мускулозен.
Г) Сапите се средно долги, рамни или косо наназад поставени, широки и добро
замускулени.
Д) Граден кош. Градите се средно длабоки , а нивната долна линија досега најмалку
до лактовите, средно долги се, со благо заоблени ребра. Од напред (од фронт)
гледано, градниот кош е широк и мускулозен. Обемот на градниот коше треба да е
најмалку за 20% поголем од висината на гребенот.
Ѓ) Стомакот е собран и мускулозен. Долната линија на стомакот благо се
издигнува наназад. Слабините се релативно кратки и со назначени преоди.
V – Опаш
Опашот кога е долг и досега најмалку до скочниот зглоб. Но дозволени се и вродено кратки опашки (куши или полу-куши). Опашката во афект се носи над грбната линија во форма на срп или круг. Дозволена е појава на вродено закривување на врвот на опашката во форма на ченгел или буквата (Ј).
Линијата на сапите
продолжува со горната линија на опашот без нагли преоди. Опашот е во основа
силен и постепено се стенчува према врвот. Обложен е со густо влакно и на
долниот дел долго, па добива изглед на обемен опаш богато накитен со влакно. Влакното на опашот не треба да има изглед на ресеста структра. Опашот се носи во форма на
срп, во акција повисоко, а во афект носен над грбната линија во форма на срп или во затворена прстенеста (еднаш или двојно завиткана форма).
VI – Предни нозе
Нозете се многу силни , со крупна коска, масивни но суви/жилави. Допуштени се и примероци со средно крупни коски на екстремитетите, кои не оддаваат привид за лесен костур. Пропорцијата на нозете со телото е од исклучително значење за расата. Гледано во целина, предните нозе се со правилни ставови, (дозволени се благи отклонувања кај примероци со одлични анатомски параметри во останантите регии на трупот). Нозете се складни во односна трупот, а висината на лактовите изнесува околу 55% од висината на гребенот.
Поединечни делови на предните нозе се во складен однос еден спрема друг со
трупот, гледано во целина.
Плешка – Доволно долга и широка,одлично замускулена и поврзана со градниот кош,
благо искосена и со хорисзонталата прави агол од 65°. Надлактицата е мускулозна,
од плешката покосо поставена и со хоризонталата прави агол од 55°.
Лакотниот агол (помеѓу надлактицата и подлактицата) изнесува околу 145°.
Лакотот е широк, правилно поставен, незначително одалечен од градниот кош.
Подлактица – Стрмна со силни коски, мускулозна, долга и на задната
страна украсена со долго влакно како знаменца. Зглобот над шепата е широк (се
нарекува зглоб на шапјето), длабок, со благо истакнати преоди.
Дошапје – Благо искосено, силно и широко.
Шепи – Силни и крупни, со испапчени цврсто припиени и правилни прсти во облик на лажица (сводести). Шепата обично е составена од 4 основни прсти во шепата и еден дополнителен прст во дошапјето,но дозволени се примероци со 5 прсти во шепата, со дополнителен прв (1) прст во областа на дошапјето како (6-ти) прст. Шепа која не го нарушува здравјето и не ја попречува функционалноста на единките.
Нокти пигментирани кај темно пигментираните единки, (дозволена е различна пигментираност кај примероците со светла боја на крзното). Ноктите се цврсти, средно долги, јаготките и табаните исто така цврсти но еластични, и различно пигментирани кај примероците со различна боја на крзното.
VII – Задни нозе
Задните нозе се со крупни коски, неретко еднакви или посилни од предните.
Ставовите на задните нозе одзади гледани се правилни и нешто пошироко
поставени од предните. Гледано од страна, ставовите се исто така правилни, а
аглите доволно затворени. Бутината е мускулозна, со добро развиена мускулатура,
косо поставена и со хоризонталата затвора агол сличен како и плешката. Аголот
што го прави коленото е нешто поотворен од рамениот (изнесува околу 125°).
Коленото е цврсто и широко. Потколеницата косо поставена, силна и доволно
длабока мускулатура и со изразени знаменца кај долговлакнестите примероци.
Скочен зглоб – Широк и доста отворен (со агол од околу 130°).
Задно дошапје – Силно, широко, нешто пострмно од предното, СО или без единечни или двојни заперци.
Задните шепи се крупни ,овални, сводести, и обично се составени од 4 основни прсти во шепата, или со еден дополнителен прст во задното дошапје. Но дозволени се примероци со 5 прсти во шепата, со дополнителен прв (1) прст во областа на задното дошапје како (6-ти) прст. Шепа која не го нарушува здравјето, и не ја попречува функционалноста на единките.
VIII – Движење (одови)
Чекорот е богат, долг и лесен. Најмногу сака да се движи во средно долг, но
висок кас. Во галоп е нешто потежок, но со долги и богати скокови. Чекорот зависи од димензиите, конституцијата и кондицијата.
IX – Кожа
Средно дебела, еластично припиена со телото, без набори. Сите видливи
слузокожи црно или темно пигментирани кај кучињата со темна боја на крзното, и различна кај примероците со посветла боја на крзното.
X – Влакно
Разликуваме 2 основни типови на должина на влакното кај автохтоната расна популација на Македонскиот Шарпланинец.
А) Долговлакнест -со должина на влакното во просек од 10-13см, и со карактеристичен распоред на крзното, со типично образување на грива во пределот на вратот, и знаменца и гаќи на задната страна на екстремитетите. Многу важно е богатото и многу густо подвлакно.
Б) Кратковлакнест – со должина на влакното од 4-9см ,кај кои може но и не е задолжително да има образување на грива на вратот, знаменца и гаќи по екстремитетите. Тука исто така многу е важно да има присуство на многу густо подвлакно.
Главата, ушите и предните делови на нозете се покриени со кратко но густо влакно.
Вратот, трупот, како и задните делови на екстремитетите и опашот кај договлакнестите примероци се покриени со долго, нешто погрубо и право влакно. Под долгото влакно се наоѓа пократко, по квалитет пофино и многу густо подвлакно. Должината на влакното на гребенот изнесува од 6 до 13 см, а не смее да биде пократко од 4см.
XI – Боја
Песот е еднобоен, двобоен или тробоен. Дозволени се еднобојност, тигравост и шаренило, во дијапазон и сите нијанси на бои од чисто бела до темно сива и црна.
Кај пигментираните кучиња дозволени се бели белези
на градите и прстите. Кај сите еднобојни пигментирани кучиња основната боја е најмногу
изразена на горните делови на главата, вратот и трупот. Во долните делови бојата
(пигментот) постепено слабее и преоѓа во посветла (валкано сив, односно
жолтеникав пигмент) во долните делови на нозете. Кај еднобојните примероци да се обрне внимание на обоеноста кај сивите, сиво-железните и челично-сивите примероци во обоеноста на екстремитетите, кај кои не смее да има обоеност како кај Крашкот овчар и Кавказкиот овчар со јасни граници помеѓу темната и светлата боја.
Кај црните примероци може да бидат целосно црни, со мали или големи белини по целото тело, или со црвени или жолти ознаки/палежи по нозете, градите, главата.
Тигрестите може да бидат на секаква основна боја со темни или црни пруги само по нозете или по целото тело.
Шарените примероци може да бидат обоени со 2 или 3 различни бои, на бела основа со полиња во скоро сите бои и тиграви полиња, а може да бидат и на основа во друга боја прошарана со бели полиња.
Тежина – Мажјаците во работна кондиција треба да тежат најмалку 40-45 кг, а
женките 35-40 кг. Тежината е во сооднос со димензиите, конституцијата и кондицијата.
НАПОМЕНА – Дозволено е парењето на сите расни типови меѓусебно ,бидејќи на таков начин со векови наназад природната селекција ја формирала оваа раса, а ние сме должни да ја зачуваме таквата традиција и селекција.
Пожелни карактеристики кај сите единки се силно изразените вродени инстинкти на нетрпеливост кон диви предатори, силни заштитнички и територијални инстинкти, како и неповерливост кон туѓи лица.
Секогаш во крајното класирање на единките при екстериерното оценување предност треба да се дава на оние примероци кои поседуваат СИЛНО ИЗРАЗЕН РАСЕН ТИП.
Мани во типот
Полесни мани: Недоволно изразена ширина на черепниот дел на главата, недоволен обем на муцката, нешто подолг лицев дел на главата, плоснати или премногу заоблени ребра, послабо изразени неправилни ставови на нозете, нешто послаби коски на екстремитетите, зајачки шепи, раширени прсти на шепите со плоснати шепи, месести дебели шепи и екстремитети, малку поиспакнати или подлабоко всадени очи, изразено Сув тип на конституција, плашливост при грмежи, пукотници и други вештачки звуци, плашливост од луѓе и толпи, како и останати полесни телесни мани.
Потешки мани: Слабо изразена расна ТИПИЧНОСТ. Недоволно изразен полов диморфизам. Лоши пропорции на телото. Недоволно добра поврзаност на екстремитетите со телото, како и недоволно развиена мускулатура. Предолга (шилеста) муцка, подолги влакна по ушите, влажни очи и опуштени или деформирани очни капаци кои не прилегаат убаво на окото, двобојност на очите или друга боја на окото освен пропишаната, силно изразен стоп, послабо развиена челуст (вилици), премногу опуштени бузи или кожа на горната или долната вилица, усни на долната вилица кои се видиливо отворени нанадвор, приметни набори на кожата на главата или телото , многу високо или многу ниско насадени и недоволно преклопени уши или отворено (ружино уво), седлест грб, грбна линија која опаѓа од гребенот кон сапите, многу тесни или плитки гради, премногу аглувани екстремитети или силно отворени агли на екстремитетите , опаш сабјасто носен во линија со грбот или над грбната линија, тешки троми движења, лоши некоординирани движења, одсуство на еден тестис (крипторхизам), многу тенок и пискав лавеж/глас, непотчинување на командите и контролата од страна на водичот или сопственикот, преголема неиспровоцирана агресија кон други кучиња и други домашни животни, како и сите потешки телесни мани.
Дисквалификациони мани:
Докажана мелезена генетика со други странски раси.
Негативна реакција или неможност за идентификација/препознавање на див предатор во склоп на ТЕСТОТ за вродени инстинкти и работни особини.
Негативна реакција кон домашни животни на ТЕСТОТ за вродени инстинкти и работни особини.
Рамнодушност кон див предатор.
Неиспровоцирана/неоснована агресија кон луѓе и особено кон деца.
Голема сличност со Крашкиот и Кавказкиот овчар, како и секоја сличност , елементи или налик на други странски модерни раси. Како и секоја АТИПИЧНОСТ за расата.
Секое отклонување кое здравствено го оптеретува и попречува животното, и кое ги отежнува неговите функционалност и работоспособност како чувар на стадо и имот.
Преголема (неиспровоцирана/непотребна) агресивност, или плашливост.
Докажана репродуктивна слабост ( проверени неквалитетни потомци од 2 мајки со различно потекло и генетика).
Докажана неспособност или неадекватност како чувар на стадо или имот од диви предатори.
Преголема несразмерност во тежината и висината, како и несразмерност во должината и висината, недоволна висина на гребенот, недоволна должина на влакното (под 4см.), како и преголема должина на влакното над 14см, и одсуство на густо подвлакно, брановито ,виткано и свилено покривно влакно.
Опашка носена права, и во линија или под грбната линија во афект.
Многу тенки екстремитети и мали шепи.
Мали , недоволно остри заби и мали кучешки заби (канини).
Слаба долна челуст (вилица). Многу отворени и влажни агли на усните/жвали.
Преголема саливација/лигавење како кај некои мастифи.
дегенеративни појави (брахигнатија/голем предгриз , или прогнатија/голем подгриз),
изразени “0” или “X” ставови на нозе, многу меко/налегнато предно и задно дошапје.
Присуство на пловни мрежички помеѓу прстите на шепите како кај расата Њуфаундландер.
Преголеми уши, многу тенки нежни, или дебели месести уши, и уши со неправилна и атипична форма.
Лимфатична и нежна конституција.
Многу налегнат/седлест грб, анорхизам (одсуство на 2 тестиси), и други дегенеративни појави кои влијаат на здравјето и функционалноста на единките.
Кон стандардот има дополнителни прилози во вид на правилници за употреба, фото и видео материјали кои служат за нагледна едукација и објаснување на стандардот во целост.
Заедно со СТАНДАРДОТ треба добро да се проучат и проследат сите дополнителни правилници и дополнувања и објаснувања на поединечните точки кои се наведени во истиот, како и сите дополнувања како фото и видео материјали кои се дел од Стандардот за расата.
Судиите за расата Шарпланинец се должни да полагаат Судијски испит пред комисија составена од 3-5 членови со стручна или остручена квалификација , и лиценцата за судија како и истиот испит се должни да го полагаат секои 5 години за верификација и потврдување на нивните познавања на расата.
Стандардот представува стручна и аргументирана корекција, дополнување и продолжение на стариот некомплетен стандард за расата Шарпланинец, со кој расата во 1957г е регистрирана во Меѓународната кинолошка федерација (ФЦИ) под реден број (41), и бил изработен од страна на Кинолошкиот сојуз на Југославија и Проф.др. по ветеринарна медицина Слободан Павлович и соработниците.
Овој стандард е изработен врз база и со помош на долгогодишните научни истражувања, анализи, систематизација , резултати, архивски материјали на Македонскиот клуб –Шарпланинец, и долгогодишното собрано искуство на голем број на стари познавачи и одгледувачи на расата Шарпланинец. Овој стандард е сублимат од сите досегашни информации за автохтоната расна популација на Македонските сточарски кучиња –Шарпланинци.
Во креацијата на овој стандард со свои информации, искуства и работа имаат удел сите досегашни членови на Македонскиот клуб-Шарпланинец, како и многу други стари и нови одгледувачи и љубители на Шарпланинецот, стари традиционални сточари и сточарски фамилии, Ветеринарни лекари, Кинолози, Кинолошки судии , Биолози, и пријатели кои несебично низ годините ја поддржуваа оваа иницијатива за надградување на стариот стандард и корекција на сите допуштени грешки во него заради кое расата Шарпланинец силно деградираше и дојде до прагот на исчезнување како чиста раса.
Целта на овој стандард е колку што е можно подетално и стручно да ја опише целокупната расна популација на Шарпланинци која сеуште може да се најде во оригинална непроменета изворна форма во Македонија. Шарпланинецот треба да се зачува онаков каков што сме го затекнале, и каков што ни го оставиле нашите предци. Не треба да се менува ,според светските кинолошки моди,нечии лични потреби или според погрешно толкувани и погрешни стандарди. Стандардот секогаш треба да биде во функција на расата Шарпланинец, а не расата да биде во функција на стандардот.
Секој стандард , па така и овој може и треба да биде предмет на дополнување, измени, корекција и доусовршување, се додека се прави со цел да се зачуваат традиционалните вредности на одгледување на Шарпланинската раса, и зачувување на Шарпланинецот во неговиот оригинален-изворен облик како работно сточарско куче. Ревизија на стандардот се препорачува на секои 10 години од страна на стручна комисија од најмалку пет членови назначени од страна на Македонскиот клуб- Шарпланинец. Ревизија на стандардот за Македонската раса –Шарпланинец, може и смее да прави само матичната држава (Република Македонија), односно високо стручни и искусни лиценцирани лица со најмалку 20 годишен стаж со расата во Македонија.